Еден посен рецепт кој добро ќе им дојде на оние кои постат без масло.
Се подготвува релативно брзо и добро ќе ви дојде во деновите на постот.
Иако мора да признаеме дека не е толку вкусен како традиционалниот, мрсен зелник, сепак е добра замена за оние кои постат.
За тесто:
– 700 -800 гр. брашно
– малку квасец (половина коцка)
– млака вода по потреба, колку што прима брашното
За фил:
– главица-две кромид
– кечап
– печурки
– зачини (црн бибер, оригано)
Подготовка:
Од надојдениот квасец, брашното и млаката вода замесете меко тесно, додадете и малку сол. Оставете го тестото малку да одмори, па исучете две кори малку поголеми од плехот во кој ќе печете.
Претходно подгответе го филот: исечканиот кромид динстајте го со малку вода додека омекне, додадете ги сечканите печурки, сол и зачини по вкус. Кога ќе се излади, додадете и малку кечап, за да добиете фил кој потсетува на пица. Ако сакате повеќе фил, ставете повеќе печурки и кечап.
Плехот набрашнете го, па ставете ја кората, филот, и поклопете со втората кора која малку ќе ја наберете, направете витка и печете го на 200-220°Ц.
Кога ќе се испече, попрскајте го со малку вода и покријте го со крпа, малку да омекне.
Може да направите и фил од праз и суви коприви, повторно ситно исечкајте го празот, динстајте го, па на крај додадете ги копривите малку да омекнат.