Синоним за летото е секако праската. Иако може да се најде веќе во пролет, сезоната оди до крајот на летото. Овој сочен плод од дрвото Prunus persica е со тркалезна форма со црвена жолта боја, а површината и е покриена со мов. Постојат повеќе видови на праски, а обично се делат на каланка (оние од кои лесно се вади коската), дуранције (со тешко одвива коска) и нектарини ( праска со мазна кора). Било која праска да преферирате, нивниот вкус нема да Ве остави рамнодушни.
Праските се ниско калорични, затоа што во 100 грама содржат само 40 калории. Обично содржат 87-90% вода, 11% јаглени хидрати, додека се оскудни со масти и протеини. Од витамините праските содржат најмногу бета-каротен и витамин Ц. Бета-каротен е црвено портокалов пигмент кој се наоѓа во овошјето и зеленчукот, а познат е уште како и провитамин А. Доколку во организмот го има доволно, делува како антиоксиданс. Од минералите во праската најмногу го има калиумот, фосфорот, магнезиумот и калциумот. Праската е ретко овошје кое во себе содржи селен. Нектарина, за разлика од другите сорти на праски, има помалку витамин Ц, но повеќе бета-каротен и поголема калориска вредност.
Лековитоста
Праските се освежително овошје поради големиот процент на вода, а имајќи во предвид и нивната мала енергетска вредност, идеални се за диета. Праската го прочистува организмот и го подобрува пробавниот систем.
Антиоксиданси со кои е праската богата во облик на бета-каротен, витамин Ц и Е, други каротеноиди и останати фитохемикалии, ги спречуваат слободните радикали во нивното делување, кои се нестабилни молекули и кои настануваат при оксидација на клетките. Со консумирањето на праските и друго овошје кое е богато со антиоксиданси ќе ги спречите хроничните заболувања кои настануваат при делувањето на слободните радикали.
Подготовка на јадење со праска
Праските се најдобри во свежата состојба, но тие исто така можат да се варат, да се конзервираат, сушат или печат. Свежи, варени или печени праските можат да се користат во овошните салати и во салати со зеленчук. Во некои светски кујни праските можат да го заменат мангото, посебно во јадењата со ракови. Со варењето можете да добиете вкусен компот, мармелад, желе, сос или ликер.
Кога се десертите во прашање, свежите праски, компотот или мармеладот се користат за преливи, украсување на колачите и сладоледите. Во комбинација со алкохолот може да се добие и одличен коктел.