Почетна / Совети за здравје / Храната и стресот

Храната и стресот

Стресот е состојба на организмот при која настануваат значајни промени од психолошка и физиолошка гледна точка. Меѓутоа без оглед на сериозноста на ситуацијата треба да ја зачуваме својата присебност, а позитивното гледање на работите и оптимизмот да ги ставиме во преден план.
Разговаравме со д-р Нела Деспотовска од тимот на Тримекс за влијаението на храната и стресот врз здравјето.
Еве што советува докторката:

Навиките во исхраната се многу важни, особено кога станува збор за стресот.

Лицата кои се подложни на стрес од аспект на исхраната можеме да ги класифицираме во три групи:

  1. Лица кои многу јадат
  2. Лица кои недоволно се хранат
  3. Лица кои јадат брзо и без редослед во секое време.

На организмот кој се наоѓа во состојба на стрес му е потребмна поголема количина на енергија во краток временски период, а истовремено стресот дополнително влијае на кардиоваскуларниот систем поради што особено треба да се внимава на начинот на исхраната.

Сте се запрашале ли некогаш кој режим на исхрана е најдобар кога се наоѓате во стресна состојба?

Овој пат ќе се обидеме да предложиме неколку основни принципи на исхрана кои ќе им помогнат на лицата кои се наоѓаат под стрес.

Како прв чекор што треба да го направите е да ги земате оброците во точно определено време. Јадете полека и добро џвакајте ја храната.

Контролирајте ја количината на масти што ја внесувате, се мисли на храната која е богата со заситени масни киселини и холестерол, бидејќи за да имате здрави крвни садови треба да користите ладно цедени масла (сончогледово, маслиново, сусамово) и производи од соја кои ќе ги задоволт потребите од есенцијални масни киселини. Високото ниво на холестерол во крвта ја влошува здравствената состојба на луѓето кои се под стрес.

Користете во големи количини интегрални житарки кои се богати со витамини од Б комплексот. Интегралните житарици ( овесни, ржени, пченични, јачменови) претставуваат богат изор на природни шеќери и витамини, посебно од Б комплексот и витамин Е. Интегралните житарици изобилуваат и со диетални влакна кои се особено значајни за правилната персталтика на цревата, која може да биде пореметена во случај на стрес ( да дојде до грчење на цревата). Снегулките од житарици можете да ги подготвите како еден многу лесен оброк кој ќе Ви даде свежина и сила. Можете да ги потопите со чај, сок или соино млеко.

Витамините од Б групата се неопходни за правилно метаболизирање на шеќерите од една страна и за правилно функционирање на нервниот систем од друга страна. Тие претставуваат основна сила во борбата против стресот. Поновите испитувања покажуваат на тоа дека витамините од Б групата и фолната киселина (400мцг. на ден) се полезни во лекувањето. Се покажало дека антиоксидансот селен (100мцг на ден) дејствува како средство за подигање на расположението. Исто така треба да се внесуваат дополнителни количества на аминокиселината Л-триптофан со што се засилува синтезата на серотонинот. Триптофанот можете да го најдете во определени видови храна, како што се: мисирка, пиле, риба, варен грав и грашок, пивски квасец, путер од кикирики, ореви и соја.

Кога Ви недостасуваат некои витамини од Б групата во секојдневната исхрана вклучете ги пченичните никулци и јачменот кој е најпрепорачлива житарка за правилно функционирање на нервниот систем. Пивски квасец во прав е најдобар природен извор на витамини од Б групата кои како такви најдобро се апсорбираат во организмот.Во себе крие богатство на протеини, јагленихидрати, аминокиселини и минерали неопходни за правилен развој и регенерација на клетките. Ја намалува нервозата и напнатоста, ги одстранува мачнината и тежината во стомакот, ја подобрува елиминацијата на штетни материи, го забавува стареењето на клетките и го регенерира крвниот систем.

Витаминот Ц има важна улога во антистресниот механизам. Бидејќи организмот не создава резерви од овој витамин морате секојдневно да го внесувате . Овој витамин претежно го има во свежото овошје: цитрусно овошје, јагодите, дињите, малините, а го има и во свежиот зеленчук: пиперки, спанаќ, ротквици, зелка, брокула, домати….

Пијте доста вода, природни овошни сокови без додатоци на шеќери и бои.

Како додатоци и зачини користете: лешници, ореви, бадеми, семки од сончоглед и тиква, маслинки, магданос, лук, кромид, ароматични билки, умерена количина сол.

Родиола- станува збор за билка позната како “златен корен”,  специфична за артичките и алпските региони која со векови се употребувала како средство за закрепнување, стимулирање на нервниот систем, намалување на депресијата и заморот и превенција од болести. Rhodiola е моќен адаптоген од непроценлива вредност – има способност да го зголеми капацитетот на организмот да се прилагоди на стресни влијанија кои непрекинато ги напаѓаат телото и духот и помага повторно да воспостави рамнотежа во организмот, без да влијае на нормалните функции.

Од чаевите можете да употребувате благи чаеви кои делуваат окрепнувачки на нервниот систем и чаеви од лековити билки кои допридонесуваат за урамнотежување на нервниот систем како чаеви од маточина, нане, рузмарин. цвет од глог, валеријана и липа кои влијаат на намалување на крвниот притисок, релаксирачки на мускулите, делуваат смирувачки на пренадразнетоста и нервните грчеви, го подобруваат расположението, ја подобруваат психофизичката состојба и ја зголемуваат работоспособноста.

Не верувам дека постои човек кој не доживеал некаков стрес во помала или поголема мера. Стресот не може лесно да се совлада туку може постепено да се намалува или ублажува. Покрај правилната исхрана, многу помага и вежбањето. Интензивното занимавање со аеробик може да го намали нивото на хормоните кои го забрзуваат пулсот и се ослободуваат во текот на стресот. Дури и мала прошетка може да помогне во намалувањето на стресот. Многу помага и длабоко дишење, релаксирачка музика како и вежби за истегнување.

 

 

Проверете и

Храна која ќе ви помогне подобро да спиете

Храната е лек доколку се консумира умерено и во вистинско време се консумираат соодветни намирници. ...