Почетна / Совети за здравје / ЕЛЕКТРОМИОНЕВРОГРАФИЈА – ЕМГ Дијагностика

ЕЛЕКТРОМИОНЕВРОГРАФИЈА – ЕМГ Дијагностика

ШТО Е ЕМГ?

Електромионеврографијата или едноставно ЕМГ е електродијагностичка метода која ja испитува функцијата на нервите и мускулите. Сите нерви и мускули во телото на човекот работат преку пренос на информации и сигнали по електричен пат, а ЕМГ овозможува мерење на нивната функција затоа што има можност да ги регистрира електричните сигнали кои се произведуваат во телото.

ЗОШТО СЕ ПРАВИ ЕМГ?

Со ЕМГ може да се постави дијагноза при:

  • Болести на ‘рбетниот мозок;
  • Болести на ‘рбетниот столб (спондилоза, ревматски промени, дискус хернија и др. оштетувања кои доведуваат до притисок на рбетниот мозок и нервите кои од него излегуваат. Овие болести се многу чести и главна одлика им е болка – во пределот на половината која се шири кон нозете;
  • Болести на периферните нерви (поединечни оштетувања на нерви, на пр., при повреда и невропатии – оштетување на поголема група на нерви, како во случајот на дијабетична полиневропатија ;
  • Мијстенија гравис;
  • Болести на мускулите ;

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ ПРЕД ДА ПРАВИТЕ ЕМГ?

  • Пред да бидте упатени на ЕМГ, потребно е да имате направено претходни испитувања – снимки на рбетниот столб, анализа на крв и др.
  • На денот на снимањето консумирајте храна и пијалоци како што тоа го правите секој ден.
  • Не ставајте креми на рацете и нозете.
  • Доколку имате вградено пејсмејкер или други метални делови известете го докторот. Исто така задолжително кажете доколку земате терапија за циркулација или против тромбоза (аспирин, клопидогрел, синтром и др.).
  • Не заминувајте на снимање доколку имате покачена телесна температура.
  • Известете го докторот доколку имате некоја хронична инфективна болест.

КАКО СЕ ИЗВЕДУВА ДИЈАГНОСТИКАТА СО ЕМГ?

ЕМГ дијагностиката се состои од два дела:

Првиот дел е наречен неврографија и со него се снимаат поединечните нерви на рацете и нозете. Снимањето се врши со поставување на електроди на Вашата кожа, односно лепенки по што со посебен дел од апаратот се започнува со стимулација на нервот. Преку ова снимање докторот е во состојба да процени со колкава брзина Вашите нерви спроведуваат сигнал и дали тоа спроведување е нормално или некаде постои пречка.

Откако ќе заврши ова снимање, се започнува со вториот дел, кога со стерилна, мала и тенка игла се боцкаат одредени мускули, а од Вас докторот бара да вршите одредени движења со раката или ногата. За да соработувате полесно со докторот слушајте го звукот од апаратот кој се добива директно од Вашиот мускул, а се пренесува од иглата. Со ова снимање се испитува состојбата на мускулот.

Целата постапка на ЕМГ снимањето трае од 30-40 мин. Во одредени случаи ако е потребно, трае и подолго.

Спец. Д-р Илија Здравков

Невролог

NEUROMEDICA

www.neuromedica.com

Проверете и

Ги спречува и третира инфекциите на уринарниот тракт

Боровинките се најпознати во помагање, спречување или лекување на инфекциите на уринарниот тракт . Овие ...